Високите стандарди на образовните институции се императив не само во смисла на понуда и реализација на квалитетни наставни содржини, туку и во смисла на јавно докажување и прифаќање на идните професионалци на пазарот на трудот.
Во согласност со новите трендови во бизнисот и потребите за унапредување на методите и техниките на управување со деловните активности, Универзитетот за туризам и менаџмент ги нуди студиите на Факултетот за претприемачки бизнис.
Визијата на Факултетот за претприемачки бизнис е да стане водечки производител на менаџерски кадри за сите бизнис сфери во државата, а преку препознатливоста на дипломите и во странство, преку што ќе се обезбеди и меѓународно реноме на Универзитетот.
Мисијата на Факултетот за претприемачки бизнис е создавање на високо квалитетни кадри и подготовка на лидери кои ќе умеат да се соочат со предизвиците и новите трендови во бизнис секторот, обезбедувајќи им знаење согласно последните актуелни состојби и достигнувања во национални и глобални рамки, а со тоа придонесувајќи истите да ги добијат потребните вештини и компетенции за донесување на квалитетни деловни одлуки и успешно управување и развој на организациите и институциите кои ќе ги раководат во иднина.
Ние сме препознатливи по нашиот иновативен пристап во образованието од областа на менаџментот и претприемаштвото, кој е заснован на вредности и визија која се фокусира на одржливост и менаџирање со интегритет.
Современиот начин на управување со организациите неизбежно ја потенцира потребата од поседување на менаџерски вештини кај вработените на секое организациско ниво, кои ќе им овозможат справување со сите препреки кои ги носи турбулентното опкружување, како и смелост и самодоверба, базирани на стекнатите компетенции во текот на студиите.
Факултетот за претприемачки бизнис обезбедува квалитетно образование за тоа како да се менаџира со финансиските, човечките и останатите ресурси, а истовремено да се биде ефективен и ефикасен; како да се донесуваат одлуки во различно опкружување и променливи услови, како да се управува со ризикот и да се остварат очекуваните резултати и цели; како оптимално да се планираат, организираат, екипираат, водат и контролираат процесите.
Факултетот за претприемачки бизнис располага со наставен кадар со различна специјалност од предвидување на потрошувачките навики, креирање на бизнис планови, корпоративни стратегии, стратегии на преговарање и деловно лидерство, па до консалтинг за креирање на ефективни политики за корпоративно управување.
Водени од желбата да го осознаат светот, студентите стекнуваат меѓународно искуство преку учество во натпревари, едукативни семинари и конференции, и преку реализација на практична настава во успешни компании и институции во земјата и странство.
Приоритетна цел на функционирањето на Факултетот за претприемачки бизнис е да оформува кадри, оспособни да се вклучат на пазарот на трудот за работи поврзани со претприемаштвото, иновациите, и менаџментот. Студиската програма по претприемачки бизнис овозможува стекнување на потребното знаење и вештини за да дипломираните студенти станат идни претприемачки лидери, да започнат нов бизнис или да бидат двигатели на иновациите во постојна компанија.
Станува збор за студиска програма со која се профилира кадар од областа на претприемаштвото за кои постои потреба не само во Република Македонија, туку и на глобално ниво. Студиските програми се така конципирани да обезбедуваат професионализација и специјализација на идните дипломирани студенти, а преку усогласеноста на студиските програми и меѓусебна соработка со други слични по дејност високообразовни и научни институции, се остварува целосна компатибилност со студиските програми во европското високо образование.
Пред изработката на новата студиска програма факултетот направи компаративна анализа на студиските програми на другите сродни факултети во Република Македонија, како и со водечките светски универзитети и студиските програми. Студиската програма по претприемачки бизнис на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје е изработена по примерот на програмата на Wharton School, University of Pennsylvania кој се наоѓа на 17 место на Шангајска листа. Содржината на студиската програма по претприемачки бизнис е усогласена повеќе од 80% со горенаведената програма.